Економија Хонорарците што заработуваат повеќе од минималец ќе се бришат од евиденцијата

Хонорарците што заработуваат повеќе од минималец ќе се бришат од евиденцијата

Агенцијата за вработување ќе ги избрише од евиденцијата на активни баратели на работа невработените лица што земаат хонорар повисок од минималната плата и ќе ги става во евиденцијата на пасивни баратели, информира денеска директорот на Агенцијата, Влатко Поповски, пренесува „24 Вести“.

Овие хонорарци ќе бидат надвор од евиденцијата на активни баратели на работа сè додека им трае договорот за ангажман.

– Не ги бришеме, туку ги ставаме во пасивна евиденција до моментот на завршување на договорот со кој се ангажирани, по предходно доставување информација од ФПИОМ. Само во случај кога до нас ќе се достави решение од Фондот дека тоа лице има хонорар поголем од минималната плата, ние ќе го тргнеме само за оној период за кој што е ангажирано. Доколку наредниот месец нема договор, повторно ќе го вратиме во активни баратели на работа – изјави Поповски.

Од Агенцијата уверуваат дека целата постапка на враќање од пасивни во активни баратели ќе се одвива брзо и нема да има застој.