Македонија Невладините порачаа: Нема преговари со оние кои отворено шират омраза и насилство

Невладините порачаа: Нема преговари со оние кои отворено шират омраза и насилство

Делегацијата на ЕУ го откажа денешниот консултативниот состанок на граѓанските организации и движења и претставниците на амбасадите на државите-членки на ЕУ во Македонија по притисокот од организациите кои не се согласија да седнат на иста маса со ГДОМ, соопштија денеска граѓанските организации.

„Во име на организациите и движењата кои стојат зад ова обраќање ве информираме дека донесовме одлука да не учествуваме на консултациите со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав и со амбасадорите на државите-членки на ЕУ во Македонија, на кои се поканети и претставници на таканареченото движење ГДОМ кои отворено шират омраза и поттикнуваат насилство“, стои во соопштението.

Граѓанските организации велат дека целосно ги поддржуваат напорите на Европската Унија и на државите-членки за канализирање на сите демократски и граѓански капацитети во правец на излез од актуелната политичка криза. Сепак, според нив тоа не е можно преку разговори, преговори и консултации со оние кои јавно бараат укинување на граѓанските организации.

„Имајќи предвид дека во процесот на решавање на кризата неопходно е да се вклучат независни претставници на граѓанското општество, нагласуваме дека тие претставници задолжително треба да имаат минимум демократски капацитет и да ги почитуваат темелните уставни вредности на Република Македонија. Повиците за укинување невладини организации, линчот на неистомислениците, сеењето омраза и поттикнувањето насилство не е и не може да биде ниту интерес на граѓаните, ниту поттурнување на процесот во демократска насока, ниту чекор кон излез од кризата“, се вели во соопштението.

Според граѓанските организации и движења, вклучувањето и уважувањето на ваквите деструктивни структури во разговори, консултации и преговори може дополнително да ја влоши состојбата во државата. Тие напоменуваат дека ГДОМ е директен производ и манифестација на желбите и директивите на раководството на владејачката партија, а не репрезент на граѓаните или граѓанските групи.

На крајот од соопштението се наведува дека граѓанските организации и здруженија стојат на располагање со сите свои капацитети и се подготвени да се вклучат во решавањето на кризата, било преку анализи и предлози за политики или, пак, преку воспоставување директна врска со граѓаните и застапување за нивните права, потреби и барања.