Македонија Невладините организации бараат транспарентност од сите партии

Невладините организации бараат транспарентност од сите партии

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Мрежата 23 упатија повик до сите вклучени страни во процесот на донесување одлуки за прашањата утврдени во Договорот на политичките партии и во неговиот анекс, за отвореност, транспарентност и за вклучување на граѓанскиот сектор и на сите засегнати страни.

Тие побараа од Владата да го објави акцискиот нацрт-план за реализација на итните реформски приоритети на Европската комисија, а Собранието да им овозможи на граѓанските организации да ја следат неговата работа од 1 септември до распуштањето.

– Ние постојано ја следиме работата на институциите и ова не е новина, но поради актуелниот момент и итноста што ја наметнуваат роковите од Договорот, сметавме дека треба јавно да истапиме и да ги нагласиме овие работи – рече Емина Нурединоска од МЦМС.

Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, обединувањето на граѓанските организации околу ова прашање само по себе е значаен чекор.

– И на овој начин сакаме да покажеме дека дијалог е потребен и можен. Дел од резултатите на ваквото здружување можеби нема да бидат веднаш видливи, но ќе придонесат во целиот процес – рече Ристевска-Јорданова.