Подглавна секција Нетанјаху одбива да преговара за иднината на Газа

Нетанјаху одбива да преговара за иднината на Газа

Премиерот добил барања за средби од одбранбените сили, Мосад и главната агенција за безбедност за да се дискутира што ќе се прави на „денот по крајот на војната“ во однос на управувањето на Газа

Фото: U.S. Department of State from United States, Public domain, via Wikimedia Commons

Додека Израел ја проширува и засилува својата офанзива во Газа таргетирајќи кампови за бегалци, премиерот Бенјамин Нетанјаху одбива средби и преговори во врска иднината на појасот Газа во однос на нејзиното управување, откако ќе бидат постигнати воените цели на Израел, известува Гардијан.

Премиерот одбил три барања за средба од Мосад (разузнавачката агенција), Шин бет (безбедносната агенција) и одбранбените сили.

„Времето истекува, a веќе треба да се донесат одлуки за тоа како да се дејствува во однос на сите релевантни актери во и вон Појасот Газа. Американците сакаат објаснувања“, рекол висок безбедносен функционер, според израелската телевизија „Канал 12“.

Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант се критикуваат поради тоа што одбивале да дискутираат како ќе се изведе транзицијата од сегашната фаза на офанзивата „со висок интензитет“, до попрецизна фаза која би таргетирала специфични високо рангирани членови на Хамас.

Според Гардијан, една од причините поради која премиерот избегнува дискусии околу иднината на конфликтот е тоа што сака да ја задржи својата крајнодесничарска коалиција, која би се распаднала ако заврши војната.

Претседателот на Палестинскиот Авторитет, односно телото кое го раководи Западниот Брег, вели дека досегашната војна е повеќе од катастрофална и дека Нетанјаху едноставно сака да ги отстрани сите Палестинци.

Во телефонски разговор, претседателот на Франција Емануел Макрон ја истакнал потребата од „трајно примирје“ на израелскиот премиер.

Израелската офанзива во Газа и Западниот Брег продолжува, со напади врз болници, кампови за бегалци и локации кои претходно биле назначени како безбедни. Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања изјави дека интензитет на нападите на Израел спречуваат соодветна дистрибуција на хуманитарна помош.