Дописници Неопходна интегрална заштита на културното и на природното богатство на охридскиот регион

Неопходна интегрална заштита на културното и на природното богатство на охридскиот регион

Во Поградец, на брегот на Охридско Езеро од албанската страна, денеска  и наредниве три дена, се одржува тематска тренинг-сесија во рамки на проектот за интегрална заштита на културното и на природното богатство на охридскиот регион, поддржан од УНЕСКО и од Европската унија.

Главната цел на оваа сесија ќе биде да се нотираат главните опасности и предизвици што имаат ефекти врз состојбата на Охридско Езеро и да се засили прекуграничната соработка, да се зајакнат ефектите од управувањето, како и да се идентификува и да се згрижи природното и културното наследство во охридскиот регион.

На работната сесијата ќе учествуваат преставници на министерствата за култура и за животна средина на двете држави, преставници на надлежни институции, локални самоуправи, како и преставници на советодавните тела на УНЕСКО, Меѓународната унија за конзервација на природата и на Меѓународниот совет за споменици и за локалитети. Од македонска страна за искуствата и за поддршката кон овој процес ќе говорат Зоран Павлов и Ана Алексова од Министерството за култура и Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Акцентот, меѓу другото, ќе биде ставен на долгорочната визија за заштита, ќе се анализираат вредностите и можните граници на опфат на албанската страна од регионот и ќе се идентификуваат целите на управување за потенцијално ставање на албанската страна на Охридското Езеро под заштита на УНЕСКО.

– Оваа сесија е логичен продолжеток на претходната заедничка работа и на заклучокот дека заштитата на природното и на културното богатство на охридскиот регион е можна само ако е интегрална и прекугранична. Имаме напредок во некои сфери, но има и уште многу предизвици пред нас. Тоа е аргумент кој нè води и зад кој стојат и УНЕСКО и ЕУ во овој процес – вели Дејан Пановски од Министерството за животна средина и просторно планирање.