Свет Европа Нема договор меѓу Грција и Еврогрупата

Нема договор меѓу Грција и Еврогрупата

Не успеа ни вториот обид за договор меѓу Грција и Еврогрупата. Грчката страна го одбива предлогот на европските партнери, кои од неа бараат да продолжи да ги спроведува обврските договорени со меморандумот за штедење, односно да ја продолжи во целост програмата за штедење. Ваквите услови од европска страна, според грчката влада, се целосно неприфатливи.

Според информациите од премиерскиот кабинет, денешниот предлог на Еврогрупата бил сосема поинаков од она што минатата недела го договарале премиерот Алексис Ципрас и претседателот на Еврогрупата, Герун Дајселблум.

– Инсистирањето новата грчка влада да продолжи со меморандумот за штедење е нелогично и неприфатливо. Исполнувањето на оваа програма веќе не е на маса за преговор на Самитот на ЕУ. Сите што ја споменуваат само си губат време – истакнаа извори од премиерскиот кабинет и пред завршувањето на состанокот на Еврогрупата, песимистички коментирајќи дека со такви европски барања невозможно е да се постигне нов договор.

Дајселблум на прес-конференцијата по состанокот истакна дека им даваат простор од една седмица на грчките власти да размислат и да побараат нов состанок за да се договори продолжување на програмата. Првиот човек на Еврогрупата подвлече дека ЕУ ќе се согласи со промена на програмата и со нејзино развивање, но Грција мора да разбере дека има одредени обврски кои мора да се исполнат.

Еврогрупата, според документ што го објави „Ројтерс“, барала подобрување на даночната политика, продолжување на приватизацијата, на реформите на пазарот и во работниот сектор, како и промена на работничките и на пензиските права.