Дописници Нема да се изместува трасата на експресниот пат Штип – Кочани

Нема да се изместува трасата на експресниот пат Штип – Кочани

Izvor: Vlada na RM

Археолошкиот локалитет што беше пронајден на трасата на експресниот пат Штип – Кочани, во близина на кочанското село Жиганци, најверојатно нема да ја помести проектираната траекторија.

Работниците на кинески „Синохидро”, кои се изведувачи на работите пронајдоа ранохристијанска базилика, по што Заводот за заштита на споменици и Музеј на град-Штип и Јавното претпријатие за државни патишта потпишаа договор за археолошките истражувања. Пресметката на археолозите е три милиони денари.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов е на став дека изградбата на овој дел од експресниот пат нема да има проблеми.

– Мислам дека не зафаќа толку голем терен локалитетот, за да се изместува целата траса, а трошоците за истражувањето се некаде околу три милиони денари, кои во целост ги сноси ЈП за државни патишта – изјави Китанов, кој денеска заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески беше во увид на работите на регионалниот пат Штип – Радовиш.

Фирмата „Штрабаг” работи на 21 километар од реконструкцијата на регионалниот пат, инвестиција во висина од 2.400.000 евра. Китанов очекува до август да заврши реконструкцијата на регионалниот пат Штип-Радовиш, додека паралелно се гради и новиот експресен пат Штип-Радовиш. Во август се очекува ставањето на првиот слој асфалт.

– Не е потребата само да градиме нови автопатишта, а старите да ги забораваме.Во моментов се работи на рехабилитација на над 400 километри патишта низ нашата држава, што регионални, што магистрални, што автопатишта – изјави Китанов.

Министерот Сугарески ја спомена реконструкцијата на патишта во Малешевско-пијанечкиот регион и во Струмичкиот регион, кон границата со Бугарија, како што рече, „само дел од брoјните реконструкции“.

-Се работи на патишта на кои 40 или 50 години апсолутно ниту метар асфалт не е фрлен. За жал изминатите десет години се инвестираше во други непродуктивни работи. Во моментов што е многу важно за овој регион е дека се инвестираат над 100 милиони евра во два експресни пата и тоа Штип-Радовиш и Штип-Кочани – изјави Сугарески.

Што се однесува за вториот лот од новиот експресен пат Штип-Радовиш од штипската населба Три Чешми до мостотот на реката Брегалница и од рудникот „Бучим” до влезот на Радовиш, завршена е квалификациската тендерска постапка, а проектот се реализира преку Европската инвестициона банка. Китанов соопшти дека понудите на фирмите се испратени во седиштето на банката во Лондон, каде ќе се одлучува за фирмата изведувач на градежните работи.