Главна секција Неформален состанок на премиерите од земјите од Западен Балкан во Драч

Неформален состанок на премиерите од земјите од Западен Балкан во Драч

Премиерот Зоран Заев денеска во албанскиот град Драч ќе учествува на неформалната средба на претседателите на влади на земјите од Западен Балкан, посветена на регионалната интеграција.

На средбата, на која домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, ќе бидат одржани неколку работни сесии на теми поврзани со регионалната соработка и за зајакнување на интеграциските процеси на Западен Балкан.

На состанокот ќе учествуваат и еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан и потпретседателот на Светска Банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер.

Европската комисија вчера истакна дека фокусот на средбата, која се одржува во рамките на Берлинскиот процес, ќе биде имплементирањето на обврските преземени за време на минатомесечниот самит ЕУ – Западен Балкан во Трст, а посебно внимание ќе се посвети на спроведувањето на акцискиот план за јакнење на регионалната економска интеграција.