Подглавна секција Недостиг на вода и струја во Херсон откако руските сили ја уништија...

Недостиг на вода и струја во Херсон откако руските сили ја уништија клучната инфраструктура при повлекувањето

Извор на фотографија: Укринформ

Руските сили делумно ја уништија браната Нова Какховка која се наоѓа во близина на Херсон, при нивното повлекување од областа. Еколозите сега предупредуваат дека може да дојде до поплава на градовите и селата кои се наоѓаат во близина на браната.

Телеграф пишува дека на интернет-страницата на про-воениот руски весник „Известија“ се појавило црно-бело видео кое го прикажува моментот кога голема експлозија ја погодила браната.

Покрај браната Нова Какховка, уништени се и два патни моста што ја преминуваат реката Днипро.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека хуманитарната ситуација во Херсон се одвива тешко поради недостиг на вода и лекови, откако руските сили, пред да се повлечат ја уништиле клучната инфраструктура – комуникациите, водата, топлината и струјата.

Гардијан јавува дека, според Зеленски, украинските власти при нивните напори да го стабилизираат регионот наишле на речиси 2.000 мини, жици и неексплодирани гранати оставени од руските сили пред заминување.

Неделава над 30.000 руски војници го завршија своето повлекување од десниот дел на реката Днипро, откако руското Министерство за одбрана соопшти дека станало премногу тешко да ги снабдуваат тамошните сили. Херсон беше единствениот регионален главен град што Русија го зазеде откако нејзините сили ја нападнаа Украина на 24 февруари.

Руската војска најпрво беше приморана да се повлече од Кијив и од североисточниот дел на Украина, откако нивната војска не успеа да го заземе украинскиот главен град и североисточните регионални центри Чернихив и Суми. Откако на почетокот од воената агресија не успеа да го освои Харкив, руската војска кон средината на септември беше поразена од украинските сили и беше протерана од Харкивскиот регион.