Галерија „Не ве амнестираме“, порачаа граѓаните на вечерашните мирни и масовни протести

„Не ве амнестираме“, порачаа граѓаните на вечерашните мирни и масовни протести

Во мирна атмосфера, со извици „Оставка“, „Никола на робија“ и „Не ве амнестираме“, пред зградата на Владата заврши денешниот протест на граѓаните против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува 56 политичари од судски процеси.

Огромниот број демонстранти пред Владата пристигна од Министерството за култура, чија зграда ја обоија фрлајќи ќесиња со боја.

Маршрутата кон Министерството за култура беше дел од концепцијата на денешниот протест, кој, како што велат организаторите, беше посветен на „криминалниот проект ’Скопје 2014’“.

Полицијата пред Министерството за култура пристигна неколку минути по демонстрантите, кои за тоа време фрлаа со боја кон зградата.

Пред зградата на Министерството не дојде до никаков инцидент. Дел од демонстрантите во улога на редари ги одвратија другите од натамошно боење на зградата и ги упатија кон зградата на Владата.

Пред Владата демонстрантите го исполнија целиот булевар од двете страни, од почетокот на семафорите до мостот Гоце Делчев.

Таму демонстрантите извикуваа пароли и на асфалтот цртаа графити „Протестирам“, „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ на македонски и на албански јазик.

Демонстрантите носеа и пароли на кои беа испишани сумите потрошени за секој од објектите од проектот „Скопје 2014“.