Македонија Не секоја дивоградба ќе може да се легализира, особено во старите заштитени...

Не секоја дивоградба ќе може да се легализира, особено во старите заштитени зони на градовите, вели Бочварски

Фото: Бојан Блажевски

Министерството за транспорт и врски се понуди да го изработи урбанистичкиот план за целото крајбрежје на Охридскиот регион, како и да ги усогласи ДУП-овите на општините со Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион што е предвиден од УНЕСКО. За ова на денешната прес-конференција информираше министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски.

Во однос на новите седум години рок за легализација на дивоградбите во земјава, кои во Собранието со дополнителен закон се предлагаат за легализација на бесправно изградените објекти заклучно со 1 октомври 2019 година, министерот Бочварски повтори дека за легализација на овие дивоградби ќе се плаќаат 150 отсто од целиот износ на комуналиите, односно тие ќе се легализираат со плус 50 отсто казна.

Сепак, во однос на Охридскиот регион, како и во однос на старите заштитени зони на градовите, Бочварски изјави дека мора да се почитуваат нормативите и стандардите, што значи дека не сите објекти мора да се легализираат со законските решенија.

Покрај на новинарски прашања за Охридскиот регион, министерот Бочварски на ова укажа и како одговор за Старата скопска чаршија, по прашањето од новинарите што ќе се прави со трите дивоградби откриени во ова културно наследство од особено значење што е под трајна заштита од државата.

Министерот Бочварски рече дека до Министерството за транспорт и врски се доставени 14 барања за издавање на одобрение за градење во Старата скопска чаршија, од кои 4 се одобрени, 4 се одбиени, а 6 барања се повлечени од инвеститорите поради некомплетна документација. Сепак, тој рече дека ингеренциите за дивоградбите во Старата скопска чаршија се на Инспекцискиот совет, а не на Министерството за транспорт и врски.

Благоја Бочварски во одговорот на новинарското прашање рече дека Министерството за транспорт и врски не е надлежно да знае колку дивоградби има во Старата скопска чаршија, а овој податок треба да го имаат општините.

Инаку, неколку граѓански организации и здруженија се спротивставија на новите законски иницијативи во Собранието на РСМ, при што истите беа поддржани и од пратениците на ДОМ. Покрај за легализација на дивоградбите што се изградени до октомври 2019 година со најновиот закон, со втората законска иницијатива е планирано за нови пет години да се продолжи рокот за легализација на бесправно изградените објекти по првичниот закон. Тој закон ги опфати дивоградбите изградени заклучно со 3 март 2011 година, а сопствениците имаа рок од десет години како законска можност за легализација на бесправно изградените објекти, којшто веќе е изминат.