Свет Балкан Навивачите на „Бешикташ“ фрлаа полнети мечиња и кукли на теренот, за децата...

Навивачите на „Бешикташ“ фрлаа полнети мечиња и кукли на теренот, за децата погодени од земјотресите

Фото: Исечок од видеото на Си-ен-ен

Во јасен израз на поддршка на децата погодени од серијата земјотреси во Турција, што почнаа на 6 февруари со двата катастрофални потреси, теренот на стадионот на турскиот фудбалски клуб „Бешикташ“ вчера беше речиси „поплавен“ од плишани мечиња и полнети кукли, јави Си-ен-ен.

Истовремено, некои навивачи скандираа „оставка на власта“, во знак на протест поради официјалното справување на властите со последиците, коешто многумина во Турција го сметаат за бавно и недоволно.

Навивачите што дојдоа на арената „Водафон Парк“ во истанбулската населба Бешикташ за да го следат фудбалскиот меч меѓу Бешикташ и Антаљаспор во текот на „паузата“, што почна во 17-тата секунда од 4-та минута на натпреварот (како потсетување на 4.17 часот на 6 февруари, кога првиот катастрофален потрес ги погоди југоисточна Турција и северозападна Сирија), почнаа да фрлаат полнети играчки на теренот.

Мечињата и куклите со најразлични големини и бои што играчите на Бешикташ ги собираа од теренот, ќе бидат испратени од клубот до југоистокот на земјата, известува Си-ен-ен.

Додека играчите ги собираа играчките, на семафорот се вртеа регистерски таблички од 11-те провинции на Турција што беа погодени од земјотресите.

Во некои подрачја, населението се жали дека нема организирани активности за помош, а голем број мртви тела уште не се однесени.

Протест против властите ден претходно изразија и навивачите на „Фенербахче“.