Економија Наумов: Режимската МРТВ тоне во долгови побргу и од Владата

Наумов: Режимската МРТВ тоне во долгови побргу и од Владата

 

Дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов, денеска на прес-конференција рече дека огромните долгови на Македонската радио-телевизија се потврда дека работата на јавниот сервис исклучиво како партиско гласило на ВМРО-ДПМНЕ е неодржлива.

– Раководството на МРТВ за само две години долгот на основа на даноци го има зголемено за повеќе од трипати. Во јануари 2014 година, долгот изнесувал речиси 600.000.евра, а во февруари годинава, според листата на должници на Управата за јавни приходи, долгот е повеќе од два милиони евра. Неправедно е граѓаните да плаќаат даноци за да го полнат буџетот и дополнително да плаќаат радиодифузна такса за финансирање на партиско гласило кое создава само долгови – рече Наумов.

Дополнителниот заменик министер додаде дека УЈП секоја година блокира десетици илјади граѓани и фирми поради радиодифузна такса, а тоа кај граѓаните создава дополнителни проблеми и нови и нови трошоци.

– Наместо вистински јавен сервис што ќе работи во интерес на граѓаните, МРТВ е дел од пропагандната машинерија на Никола Груевски. За период од еден месец, од 1 февруари до 29 февруари годинава, на МТВ1 емитувани се позитивно-промотивни прилози за ВМРО-ДПМНЕ во траење од 3 часа и 28 минути. Промотивни прилози за СДСМ се емитувани од само 37 минути, што е разлика од три часа. Негативни прилози за ВМРО-ДПМНЕ на МТВ1 нема, но затоа негативни прилози за СДСМ има во времетраење од 16 минути – изјави Наумов.

Тој рече дека ваквата работа на МРТВ е уште еден доказ зошто се потребни реформи за слободни медиуми и дека е неопходно да се обезбеди медиумски простор за непристрасно, балансирано и објективно информирање на граѓаните.

– Јавноста има право да ја знае вистината. СДСМ ќе ја укине радиодифузната такса и ќе обезбеди одржливо финансирање на МРТВ од буџетот – рече Наумов.