Економија Наумов: Нов историски износ на јавниот долг од 4,33 милијарди евра

Наумов: Нов историски износ на јавниот долг од 4,33 милијарди евра

„Само во Македонија е можно за три месеци да се зголеми јавниот долг за 105 милиони евра, а секторот за јавен долг и Министерството за финансии со манипулации да се обидат да прикажат дека јавниот долг се намалил. Како и секогаш, во последните осум години продолжуваат да манипулираат со износот на проектираниот домашен бруто-производ (БДП), за да прикажат понизок износ на јавниот долг како процент од БДП“, се вели во соопштението од кабинетот на дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

Во него се додава дека само кај нас, износот на јавниот долг како процент од БДП во соодветниот квартал не се пресметува во сооднос со проекцијата за пораст на БДП до крајот на годината, туку се пресметува врз основа на податоците за последните четири квартали.

– Во нормални околности, износот на проектираниот БДП во овој момент треба да изнесува 9.176,3 милиони евра, како збир на предвидениот БДП од прв квартал од 2016 година со соодветниот пораст и реализациите од вториот, третиот и од четвртиот квартал од 2015 година. Новиот историски износ на јавниот долг од 4,33 милијарди евра е всушност 47,2 отсто од БДП, што е уште еден историски неуспех на креаторите на економските политики во Македонија – се вели во соопштението.