Свет Европа НАТО: Русија трупа оружје на Крим

НАТО: Русија трупа оружје на Крим

Русија значително ги зголемила своите воени капацитети на Крим од припојувањето на полуостровот во март минатата година и го претвора во платформа за проекција на своите моќи, изјави денеска врховниот комендант на НАТО за Европа, американскиот генерал Филип Бридлав.

„Она што можеме да го видиме на дело, најдобро може да се опише како милитаризација на Крим. Тие го зголемија капацитот на воената морнарица, испорачаа модерен одбранбен систем земја-воздух кој покрива околу 40 отсто од површината на Црно Море, како и многу софистицирани одбранбени системи, кои имаат дострел речиси над целото Црно Море“, рече Бридлав во интервју за украинската телевизија „1+1“.

Русија го придоби Крим откако на тој полуостров испрати свои војници на крајот на февруари минатата година. Подоцна организираше референдум, на кој со огромна разлика граѓаните го поддржаа спојувањето со Русија.