Дигитални права НАТО дава поддршка на земјава за одбрана од хибридните напади и дезинформациите

НАТО дава поддршка на земјава за одбрана од хибридните напади и дезинформациите

Столтенберг вели дека договорени се краткорочни и долгорочни чекори коишто сојузниците на НАТО можат да ги преземат за да ја поддржат земјава во одбраната од хибридните напади

Извор на фотографија: nato.int

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг пред денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки изјави дека Алијансата на Северна Македонија ѝ дава техничка поддршка во борбата со хибридните напади со кои се соочува.

На новинарското прашање на ТВ 21 за неодамнешната посета на тим од експерти на НАТО предводени од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи, Столтенберг одговори дека договорени се краткорочни и долгорочни чекори кои сојузниците на НАТО можат да ги преземат за да ја поддржат земјава во одбраната од хибридните напади врз виталните институции во Северна Македонија и лажните дојави за бомби.

„Неодамна разговарав за ова со премиерот на Северна Македонија и се разбира дека НАТО е таму за да ги поддржи сојузниците, што сега го прави со Северна Македонија која се соочува со различни хибридни закани. Поддршката што сојузниците се подготвени да ѝ ја дадат на Северна Македонија е техничка поддршка и посилна соработка за борба против дезинформациите. Би сакал да ѝ честитам на Владата на Северна Македонија за брзата и детална работа во развојот на програмата за соработка што ја договоривме“, изјави Столтенберг.