Дописници Наставата не почна за гимназијалците Македонци од Тетово

Наставата не почна за гимназијалците Македонци од Тетово

Учениците што посетуваат настава на македонски јазик не почнаа со настава во централниот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово, иако таква одлука беше донесена на почетокот од оваа учебна година. Од раководството на училиштето велат дека не можат сите ученици, Македонци и Албанци, да ги распоредат да учат во еден објект.

– Беше донесена одлука да се учи во три смени, но наидовме на технички проблеми и ова решение не можеме да го спроведеме. Бараме друго решение за просторниот проблем на учениците – изјави Намикќемал Мустафа, директор на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ 0 Тетово.

Од советот на родители и професори од тетовската гимназија велат дека претпоставувале дека раководството на училиштето ќе се соочи со просторен проблем при распоредувањето на учениците, кои ги има во голем број во ова средно училиште. Апелираат што поскоро да се најде решение.

Одлуката да се продолжи со настава во централната гимназија ја соопшти градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, по завршувањето на протесниот марш, кој на 1 септември го организираа учениците Македонци, револтирани што подолг период следат настава во несоодветни услови, во зградата на Работничкиот универзитет и во основното училиште „Гоце Делчев“ во Тетово.

Во овие објекти почнаа да учат откако 14 години учеа во познатите стари медицински бараки, каде немаше никакви услови за водење на настава, а честопати се случуваа и меѓуетнички инциденти.