Македонија Нашите мултиетнички општества се наше богатство и предност, порача Заев од БИХ

Нашите мултиетнички општества се наше богатство и предност, порача Заев од БИХ

Пораката што сакам да ја испратам одовде, од Сараево, е дека доаѓа време кога политичар од еден етникум ќе се бори за унапредување на правата на граѓаните од друг етникум, а тоа е иднината што овој наш мултиетнички регион треба да ја има и да ја негува, рече премиерот Зоран Заев од Сараево, каде што е во официјална посета придружуван од неколку министри.

– Ние сме две земји што веруваат дека е огромно богатство и предност нашата мултиетничност, мултирелигиозност и мултикултурализам и дека тоа богатство претставува сериозна предност во нашиот напредок во севкупниот развој што го планираме за нашите земји – изјави Заев.

Владината делегација имаше и работен состанок со членовите на Советот на министри на Република Босна и Херцеговина, на кој е потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за надворешна трговија и економски односи на БИХ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. Договорот го потпишаа министрите Мирко Шаровиќ и Љупчо Николовски. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, и министерот за цивилни работи во владата на БИХ, Адил Османовиќ, потпишаа Програма за културна соработка.

Заев и министрите денеска се сретнале и со претставници на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Република Босна и Херцеговина, со Претседателството на Република Босна и Херцеговина, како и со лидери на одделни политички партии.

Попладне делегацијата ќе го посети спомен-обележјето во Ротимље, во чија близина трагично го загубија животот претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и членовите на неговата придружба.

Македонската делегација во рамките на посетата на БИХ, вечерва ќе престојува и во Мостар, каде што на премиерот Заев ќе му биде врачена наградата „Мостарска повелба на мирот“ (Mostar Peace Connection) и каде што ќе биде потпишан истоимениот документ.