Свет Балкан Напаѓачот во Истанбул е Сириец

Напаѓачот во Истанбул е Сириец

Заменик-премиерот на Турција, Нуман Куртулмус, потврди дека утринскиот терористички напад во Истанбул го извел државјанин на Сирија, роден 1988 година.

По состанокот за безбедноста, одржан во Анкара, Куртулмус им се обрати на новинарите заедно со министерот за внатрешни работи, Ефкан Ала, и со министерот за здравство Мехмет Муезиногку.

– Потврдено е дека распарченото тело во експлозијата му припаѓа на бомбашот-самоубиец. Врз основа на досегашната детална истрага, утврдено е дека станува збор за сиријски државјанин, роден 1988 година – рече Куртулмус, упатувајќи сочувство на семејствата на десетината загинати во нападот, меѓу кои повеќето се странци.

Нападот се случи утринава во близина на Сината џамија. Во експлозијата загинаа 10 лица, а повредени се најмалку 15, од кои две потешко.