Дописници Намалена продажбата на тетовското јаболко

Намалена продажбата на тетовското јаболко

Производителите на јаболка во Tетовско велат дека годинава е намалена продажбата на нивниот производ. Се нудат јаболка и по цена од 10 денари, но ретко кој купува.

– Годинава можам да кажам дека продажбата е најмала. Порано доаѓаа од околните села и купуваа јаболка, но сега и тие купувачи ги нема. Најголем проблем е сиромаштијата и безработицата, па граѓаните не можат да си дозволат да одвојат ниту 10 денари за јаболка – вели Зорка Глишиќ, индивидуален производител на jаболка.

Во Тетовско, претежно е застапено индивидуалното производство на jаболка. Овошјето се одгледува на помали површини. Поради ниската цена, но и немањето организиран откуп, овоштарите ретко одлучуваат да ги зголемат површините засадени со јаболкници.

– Најпрвин треба да се определиш да се занимаваш исклучиво со производство на јаболка. Треба да купиш доста препарати, а тие се скапи, треба да имаш и поголема механизација. Цената на јаболката, пак, е ниска, а и по таа цена не можеш да ги продадеш. Затоа ретко кој се одлучува за поголемо производство на јаболка – изјави еден од производителите на јаболка во Брвеница.

Цената на јаболката во Тетовско се движи од 10 до 50 денари. Најзастепени се јаболката од родот ајдарет, златен делишес и грини смит.