Свет Европа Најсериозната кандидатка за градоначалник на Келн ранета со нож

Најсериозната кандидатка за градоначалник на Келн ранета со нож

Најсериозниот кандидат за градоначалник на германскиот град Келн, Хенриета Рекер, денеска била ранета со нож, во напад што го извршил 44-годишен маж, за време на избораната кампања, еден ден пред закажаните избори, соопшти полицијата, пренесуваат медиумите.

Рекер, според полицијата, била ранета во вратот, но е надвор од животна опасност. Во нападот, повредени се уште четири лица, од кои едно тешко.

Нападот се случил додека 58-годишната Рекер со својот изборен тим била во посета на штандот, кој во рамките на кампањата го поставиле демохристијаните (ЦДУ) на германската канцеларка, Ангела Меркел.

Засега нема официјални информации околу мотивите за нападот. Сепак, „Дојче веле“ пренесува информации на магазинот „Фокус“, според кои, причина за нападот било несогласувањето на 44-годишниот осомничен со политиката на ЦДУ кон бегалците.

Инаку, Рекер е независен кандидат на утрешните избори за градоначалник на Келн, но ја има поддршката на Демохристијанската партија, Партијата на Зелените и на Партијата на слободни демократи.