Подглавна секција Најмалку 40 загинати во авионска несреќа во Непал

Најмалку 40 загинати во авионска несреќа во Непал

calflier001, CC BY-SA 2.0 , via Wikimedia Commons

Авион со кој патувале 72 лица се урна во близина на аеродром во централен Непал, а бројот на загинати досега изнесува 40, соопштија непалските власти.

Би-би-си пренесе дека авионот на „Јети Ерлајнс“ кој летал од главниот град Катманду до туристичкиот град Покора се урнал при слетувањето, при што се запалил.

Премиерот на Непал, Пушпа Камал Дахал свика итен состанок на неговиот кабинет и ги повика државните агенции да работат на спасувачките операции. Стотици непалски војници се вклучени во операцијата на местото на несреќата во клисурата на реката Сери, на еден и пол километар од аеродромот.

Во авионот имало 68 патници, меѓу кои најмалку 15 странски државјани и четворица членови на екипажот.

Според претставник на аеродромот, меѓу странските државјани во авионот имало патници од Австралија, Франција, Аргентина, Русија, Индија, Јужна Кореја и Ирска.

Гардијан пишува дека воздухопловната индустрија во Непал порасна во последните години, но несреќите не се невообичаени поради оддалечените писти и ненадејните временски промени кои можат да предизвикаат опасни услови. Лошата безбедност на воздухопловната индустрија е погодена и од недоволната обука на персоналот и лошото одржување.

Европската Унија (ЕУ) во 2013 година ги забрани сите непалски превозници во својот воздушен простор поради загриженост за безбедноста.