Свет Европа Најмалку 13 лица загинаа во поплави на француската ривиера

Најмалку 13 лица загинаа во поплави на француската ривиера

Најмалку 13 лица го загубиле животот откако француската ривиера беше зафатена од силна бура што предизвика поплави во повеќе градови. Помеѓу загинатите се и три лица во старечки дом, кој се поплавил откако надојдената река го пробила својот насип, соопштија локалните власти.

Една шеесетгодишна жена синоќа загина во Кан кога тој град го зафати силна бура, што предизвика на улиците на овој град и на соседната Ница да тече река од нечиста вода.

– Поплавата ги носеше автомобилите во море, а дрвата ги корнеше од корен – изјави градоначалникот на Кан, Дави Лиснар.

Францускиот претседател Франсоа Оланд им се заблагодари на спасувачите за нивниот досегашен труд и изрази соочуство на семејствата на загинатите.

Подрачјето на Азурниот Брег е најтешко погодено од поплавите и до таму е многу тешко да се стигне.

Поради невремето, без струја и понатаму се 35.000 домаќинства на Азурниот Брег, а десетина возови морале да бидат запрени поради безбедноста на повеќе од стотина патници.

Француските метеоролози проценуваат дека најлошото поминало и дека невремето сега е на пат кон италијанскиот брег.