Свет Европа Најбрзиот воз во Европа почна да сообраќа во Италија

Најбрзиот воз во Европа почна да сообраќа во Италија

Новиот италијански воз „Фречароса 1000“, кој може да се пофали дека е најбрзиот воз во Европа, почна редовно да сообраќа на линијата помеѓу Милано, Рим и Наполи.

Засега достигнува редовна максимална брзина од 300 километри на час, до декември би требало да вози со 360 километри на час, а теоретски може да достигне и 400 километри на час.

„Фречароса 1000“ почна да сообраќа со шест композиции кои ќе ги покриваат вкупно осумте поаѓања дневно. Од нив, четири ќе одат до Торино, а другите до миланскиот саем „Ро фиера“ поради „Експо 2015“.

Првата композиција е наречена по славниот италијански спринтер Пјетро Менеи и ќе има промотивни возења до 25 април.

Супервозот успева да помине 600 километри оддалеченост помеѓу Милано и Рим за два часа и 15 минути, што е за 45 минути помалку од досегашниот воз, кој патува со голема брзина.