Дописници Наградата „Мостови на Струга“ за поетесата Паула Бозалонго од Шпанија

Наградата „Мостови на Струга“ за поетесата Паула Бозалонго од Шпанија

„Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга, награда што ја доделуваат „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО, годинава ѝ припадна на поетесата од Шпанија, Паула Бозалонго.

– Од пристигнатите книги, особено се издвои книгата „Декември и се бакнавме“ од Паула Бозалонго, поетеса од Шпанија. Песните на Паула Бозалонго изненадуваат со својата конкретност и посредност, таа користи еден свеж, комуникативен поетски јазик, кој лесно воспоставува контакт и со публиката и со критиката и не случајно нејзината прва книга е на врвот од листите на најпродавани книги во Шпанија. Низ згуснат емоционален интензитет, го транспонира својот интимен свет низ конкретни и јасни слики. Оваа награда ќе ѝ биде поттик за распространување на поетските вредности на нејзиното зрело поетско писмо – информираат од „Струшки вечери на поезијата“.

Наградата „Мостови на Струга“ во изминатите години се избори за високо место меѓу поетските награди на светско ниво и стана една од најпосакуваните награди на поетите-дебитанти, која широко им ги отвора понатамошните патишта на творечка афирмација. Тоа го покажа и годинашниот интерес за неа и на адреса на СВП пристигнаа 14 книги.