Македонија Надлежната комисија не нашла пропусти во случајот со починатите во брзата помош

Надлежната комисија не нашла пропусти во случајот со починатите во брзата помош

Комисијата за стручен надзор на Министерството за здравство тврди дека немало лекариски пропусти во лекувањето и при транспортот на двајцата пациенти од Крива Паланка, кои, кон средината на овој месец, починаа во возило на брза помош на кое му откажаа сопирачките, пренесува „Телма“. Комисијата беше формирана од Министерството за здравство за да го испита случајот.

Комисијата, повикувајќи се на документацијата што ја добиле, тврди дека по дефектот на возилото на брзата помош, екипа на брза помош од Скопје пристигнала по само 14 минути, откако била повикана, а не по половина часа, како што тврдело семејството на еден од починатите пациенти.

Стручниот надзор, според комисијата, покажал и дека случајот бил навреме пријавен во полиција.

„Известени се и МВР и Центарот за управување со кризи и нивното мислење било дека штом има лекар кој констатирал смрт, нема потреба од нивен увид и од увид на обвинителството – изјавил претседателот на комисијата, д-р Слободан Ристовски.

Комисијата не гледа пропуст ниту во тоа што двајцата тешко болни пациенти биле превезувани во едно амбулатно возило.

Од надлежното јавно обвинителство сè уште нема информација дали ја добило документацијата од МВР и дали ќе отвори постапка за случајот.