Дописници Началникот на СВР Битола си ја вработи сопругата во ресенската полиција и...

Началникот на СВР Битола си ја вработи сопругата во ресенската полиција и отвoра нови 26 места

Началникот на СВР Битола, Методија Атанасовски, си ја вработил сопругата Марјана како негова колешка – во службите на полицијата во Ресен.

Вчера СВР Битола отвори нови 26 работни места, кои ќе бидат пополнети без оглас.

– СВР не вработува, обратете се во МВР, тие склучуваат договори за вработување – вели портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, тврдејќи дека нема информации за нововработени во СВР Битола.

Покрај сопругата на Атанасовски, на списокот нововработени во СВР Битола е и претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Бојан Димовски, кој потврдува дека се вработил во битолската полиција.

Запрашан дали се вработил без оглас, Димовски изјави дека „МВР си има свој протокол за вработување и сè е во рамките на законските прописи“.

Во СВР Битола од неодамна без оглас е вработен и синот на актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, Зоран Илиоски.

– И син ми има право да работи – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илиоски, откако се прошири веста дека неговиот син без оглас се вработил во битолската полиција.