Свет Балкан Началникот на Генералштабот на АРМ утре на конференција во Сплит

Началникот на Генералштабот на АРМ утре на конференција во Сплит

Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, утре ќе присуствува на 20. конференција на началниците на генералштабови на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5), кој ќе се оддржи во Сплит, Република Хрватска, соопштуваат од Генералштабот на АРМ.

Главна тема на конференцијата од земјите членки на А5 ќе биде подобрување на интероперабилноста и заеднички приод кон партнерските цели преку комбинирани обуки и вежби, стои во соопштението од канцеларијата за односи со јавноста на АРМ.

Како што информираат од АРМ, за време на конференцијата, генерал Величковски ќе има свое обраќање, а ќе има и повеќе билатерални средби со претставниците од другите земји учеснички на конференцијата.

Од Генералштабот на АРМ соопштуваат дека на конференцијата покрај началниците на генералштабовите на армиите на земјите членки на САД-Јадранската повелба, меѓу кои се Македонија, Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, ќе учествуваат и претставници од европската команда на армијата на САД, командата на НАТО во Неапол и командантите на националните гарди од сојузните држави на САД кои се партнери на земјите од А5. Како набљудувачи ќе присуствуваат началникот на генералштабот на воените сили на Словенија и командантот на косовските безбедносни сили.