Галерија На вежбата „Брз одговор 22“ на Криволак претставена способноста за брзо распоредување...

На вежбата „Брз одговор 22“ на Криволак претставена способноста за брзо распоредување на НАТО силите [фото]

Фото: Мета.мк

На воената вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22) на армискиот полигон Криволак денеска беше претставена способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка, заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа. Пред македонскиот државен врв и медиумите, денеска беше претставена воената вежба на која учествуваат 4.600 припадници на вооружените сили од осум земји-членки на НАТО: Северна Македонија, Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, САД, Франција и Црна Гора.

Во вежбата „Брз одговор 22“, која се реализира од 2 до 20 мај, се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери на земјите-членки на НАТО, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.

Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“, при што претседателот и беше брифиран за вежбата и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони.

Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО алијансата и претставува исклучителна можност Северна Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ тренинг центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО стандарди, информираат од претседателскиот кабинет.

Во рамки на денешниот ден, свое обраќање имаше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, која потенцираше дека вежбата ги покажа своите капацитети за одлично планирање, тренинг и заедничко координирање и дејствување.

„Она што денес го видовме на кое што бевме сведоци не беше пркос на моќ и демонстрација на воена сила туку демонстрација на нашето единство и сојузништво“, изјави министерката Петровска, додавајќи дека сите тие ја испратија најважната порака: кога сте НАТО, не сте сами.

Министерката Петровска во своето обраќање се осврна и на армискиот полигон „Криволак“ за кој нагласи дека нејзин личен приоритет ќе биде овој тренинг полигон да продолжи да се развива со што ќе придонесеме за силна Алијанса која е столб на нашите демократии, информираат од Министерството за одбрана.

Заменикот командант на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Петер Ендрусјак, во своето обраќање пред присутните кажа дека речиси 10.000 припадници на НАТО сојузничките сили, се вклучени во оваа вежба која симултано се реализира од Балтикот, Норвешка, и овде на „Криволак“ во Северна Македонија, каде се случува и најголемиот дел од вежбата со најмногу припадници.

„Вежбите како Swift Response се од витално значење за нашата комбинирана подготвеност и интероперабилност – и не би биле успешни без силното партнерство што го имаме со нашиот доверлив сојузник во НАТО – Северна Македонија“, потенцираше генералот Ендрусјак.

Свое обраќање имаше и командантот на борбениот тим на 16. Воздухопловна бригада на Обединетото Кралство, бригадниот генерал Николас Коули кој кажа дека за време на вежбата од исклучителна важност е тоа што работеле заедно со уште осум други НАТО земји за да покажат дека може да реагираат како НАТО за краток временски период.