Култура На „Синедејс“ ќе има повеќе од 100 филмски проекции

На „Синедејс“ ќе има повеќе од 100 филмски проекции

Од прес-конференцијата за „Синедејс“

„Пази се! Доаѓа Синедејс“ е мотото на годинешниот фестивал на европски филм „Синедејс“, кој ќе се одржува од 13 до 22 ноември. Организатор на фестивалот е Младинскиот културен центар – Скопје, а публиката ќе може да гледа повеќе од 100 филмови, да се дружи со 200 гости, да присуствува на десет концерти и на пет филмиски работилници. На располагање за проекција на филмската програма ќе бидат сите кино-сали на МКЦ, Градското кино „Милениум“, Кино-салата „Фросина“, Џебното кино и Кинотека на Македонија.

– „Синедејс“, од година во година, станува сè поуспешен фестивал и бројот на посетители се зголемува, што говори за квалитетот на фестивалот и, се надевам, и годинава посетителите ќе бараат билет повеќе за филмските проекции- изјави Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје на прес-конференција.

Директорот на Младинскиот културен центар, Златко Стевковски, најави дека годинава „Синедејс“ ќе го отворат и ќе го затворат со музика, односно фестивалот ќе го отвори филмот на Дарко Лунгулов, „Споменик на Мајкл Џексон“, а на проекцијата ќе биде присутен и поголемиот дел од екипата на филмот.

– Во соработка со Тони Шариќ, директорот на фестивалот ДОРФ од Хрватска, направен е изборот на најновите музички документарни филмови: филмот кој ја одбележа 2014 година, „Ник Кејв: 20.000 денови на Земјата“, филмот за контроверзниот нигерски џез-музичар Фела Кути, „Наоѓајки го Фела“, музичкиот документарен филм „Стоун розис: Направен од камен“, премиерата на филмот „Денот да е радосен“ за легендарните „Културно-уметнички работници“, музичкиот филм посветен на шугејз-движењето „Прекрасна бучава“, како и многу други. Во рамките на „Синедејс“ ќе се одржи и работилница на тема „Успешно донесување одлуки во VFX дизајнот“, со една од најпознатите светски аниматори, Виржини Бурдан, која е една од ретките жени претставници во ова поле – изјави Стевковски.