Свет На поранешниот јужнокорејски претседател му се закануваат 20 години затвор

На поранешниот јужнокорејски претседател му се закануваат 20 години затвор

Обвинителството на Јужна Кореја побара затворска казна од 20 години за поранешниот претседател Ли Мјунг-бак, во рамките на неговото судење за корупција, јавија светските агенции.

Ли, кој беше претседател на Јужна Кореја од 2008 до 2013 година, со тоа стана вториот поранешен претседател  на земјата што за неполн месец влезе во фокусот на светската јавност поради неговите проблеми со законот.

Минатиот месец апелациски суд во Јужна Кореја ја зголеми затворската казна на поранешната претседателка Парк Геун-хје на 25 години. Парк беше вмешана во огромен корупциски скандал минатата година, поради што беше симната од власта.

Ли беше обвинет за корупција и неговото судење почна во мај годинава според обвинението од 16 точки, во кои е вклучена и примање 11 милијарди вони (9,8 милиони долари). Денеска во завршните зборови, обвинителството побара и 20 години затвор и одземање 11,1 милијарди вони, како и парична казна од 15 милијарди вони (13,3 милиони долари).