Македонија На огласот за 600 полицајци се пријавиле 3.972 кандидати, денеска почна селекцијата

На огласот за 600 полицајци се пријавиле 3.972 кандидати, денеска почна селекцијата

На конкурсот за вработување на нови 600 полицајци се пријавиле вкупно 3.972 кандидати. Конечната листа на тие што ќе бидат примени во МВР, треба да биде позната на почетокот на октомври, кога треба да завршат сите фази за селекција на кандидати.

Првата фаза од селекцијата почна денеска во касарните „Ѓорче Петров“ и „Илинден“ и во тренинг-центарот за обука во Идризово, каде се проверуваат физичките способности на пријавените кандидати.

Од пријавените, 3.063 се Македонци, додека другите 909 се припадници на другите етнички заедници. Повеќе од 800 од кандидати за нови полицајци се жени.

Инаку, на ланскиот конкурс за прием на 600 полицајци, пријавени беа 2.622 кандидати.

– Постапката за селекција на кандидатите ја спроведува комисија која е формирана од страна на министерот за внатрешни работи. Постапката се спроведува во повеќе фази – изјави помошникот на министерот од одделот за односи со јавноста и за стратешки прашања при МВР, Јордан Ламановски.

Во втората фаза ќе се проверуваат интелектуалните и моторичките способности, а во третата фаза ќе има писмено тестирање на кандидатите, кое ќе се состои од општообразовен тест.

Како што посочи Ламановски, за сите кандидати што ќе ги поминат фазите на селекција, ќе биде спроведено интервју.

Кандидатите кои ќе влезат на кончената листа, ќе одат на едногодишна обука за полициски службеник, која ќе се состои од девет месеци теорија и три месеци физичка обука.

Министерството за внатрешни работи го објави конкурсот за прием на нови полицајци на 15 јули и траеше до 30 јули.