Македонија На изборите на 12 април сакаат да се натпреваруваат 15 коалиции и...

На изборите на 12 април сакаат да се натпреваруваат 15 коалиции и политички партии

Фото: Борче Поповски

Државната изборна комисија (ДИК) до синоќа на полноќ примила кандидатски листи на 15 коалиции и политички партии за предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 12 април. Станува збор за 84 листи со вкупно 1.578 имиња на кандидатските листи, кои допрва треба да бидат потврдени од ДИК. За учество во гласањето на дијаспората се одлучиле шест политички субјекти, кои доставиле листи со по тројца кандидати за седмата изборна единица.

Коалициите на СДСМ и БЕСА, на ВМРО-ДПМНЕ и на „Никогаш Северна, само Македонија“, заедно со партиите ДУИ, Интегра и Демократи, доставиле кандидатски листи за сите седум изборни единици. Левица, МОРО-Работничка партија, коалиција Алтернатива и Алијанса за Албанците нема да учествуваат единствено во гласањето на дијаспората со свои кандидатски листи. ДПА, Глас за Македонија, ГДУ, СДУ/Македонски концепт, Твоја партија и Народната партија на Ромите ќе учествуваат само во дел од шесте изборни единици во земјава.

По поднесувањето на кандидатските листи од страна на политичките партии и коалициите, ДИК ќе треба да ја утврди исправноста на поднесените листи за претстојните парламентарни избори на 12 април.