Македонија МЗШВ презема мерки за заштита на шумите од пожари

МЗШВ презема мерки за заштита на шумите од пожари

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) активно презема мерки за заштита на шумите од појава на пожарите, реагираат од Министерството на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека министерот Љупчо Николовски презел низа мерки, меѓу кои и тоа што дал согласност за делумна, а потоа и за целосна забрана за движење во шумите или во одделни нејзини делови од 5 август до нејзино отповикување.

Од Министерството, исто така, потсетуваат дека Владата во согласност со Законот за управување со кризи, донесе одлука за постоење на кризна состојба заради превенција и справување со пожарите на подрачјата Македонски Брод и Чашка.

„Министерот Николовски ги зајакна капацитетите на Државниот инспекторат за шумарство и ловство (ДИШЛ) и му наложи, покрај редовните контроли, да изврши и вонредни контроли врз работата на ЈП „Македонски шуми“, управувачите на заштитените подрачја и приватните сопственици на шуми. По барање на министерот Николовски, шумската полиција ги зајакна контролите на терен, кога беа прогласени делумни и целосни забрани за движење во шума. Се евидентираа сите лица затекнати во шума и истовремено им се укажуваше за опасноста од појава на пожари“, се вели во соопштението.

Од министерството велат дека правните и физичките лица кои преку вршење на својата дејност предизвикуваат шумски пожари, се должни да ја надоместат штетата на субјектите кои стопанисуваат со шумите, како и сопствениците на шуми.

„Сите ангажирани лица од надлежните претпријатија даваат сè од себе за брзо и ефикасно гаснење на пожарите, за дел од кои постои сомнеж дека се намерно подменати“, се додава во соопштението.