Македонија МЗ: Од 416.614 вакцинирани лица со две дози, само 167 се заразиле,...

МЗ: Од 416.614 вакцинирани лица со две дози, само 167 се заразиле, а 11 биле хоспитализирани

Фото: Testalize.me on Unsplash

Министерството за здравство (МЗ) информира дека заклучно со 5 август, од 416.614 лица вакцинирани со две дози на вакцина против ковид-19, 167 лица се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина, а само 11 од нив биле хоспитализирани.

„Ова е показател дека бројот на заразени од вакцинирани е многу мал, што потврдува дека вакцината е корисна, односно е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Според последната анализа во периодот од 1 до 31 јули, регистрирани се вкупно 809 случаи на позитивни лица од тестираните за ковид-19, а од нив 82 лица се заразиле по поминати повеќе од 14 дена после вакцинација со втората доза. Ова укажува на фактот дека вакцината е ефикасна само кога се примени две дози и кога од примената втора доза има поминато повеќе од 14 дена, нагласуваат од Министерството за здравство.

„Само 10 отсто од сите активни случаи во јули, се заразиле со ковид по примена втора доза. Помеѓу позитивните, има вакцинирани со Синофарм, Астра Зенека, Спутник В, Фајзер, а меѓу нив има и заразени кои се вакцинирале во странство со вакцината на Модерна“, информираат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство апелира дека во овој период важно е граѓаните да покажат што поголем интерес за вакцинација и да се вакцинираат, бидејќи само со колективен имунитет може да се спречи мутирањето на вирусот СарсКов 2 и неговото рапидно ширење. Во нашата земја и понатаму е доминантна британската варијанта на вирусот, но со оглед на брзото ширење на делта сојот, како во светот така и во регионот, многу брзо истиот може да се прошири и кај нас. Досега во земјава се детектирани 30-тина случаи на делта варијантата.

Од Министерството за здравство велат дека во државата има доволно вакцини за оние кои сакаат да се вакцинираат, при што за прва доза вакцина против ковид-19 во моментов земјава има 80.000 дози од Синовак, 50.000 дози од Астра Зенека и 70.000 вакцини од Фајзер.