Здравје MЗ: Од 1 ноември бесплатна мамографија за жените во скрининг програмата

MЗ: Од 1 ноември бесплатна мамографија за жените во скрининг програмата

Photo by Ave Calvar Martinez from Pexels

Жените од возрасната група од 45 до 69 години кои не направиле мамографија последните две години, имаат право на бесплатна мамографија, најавија од Министерството за здравство. Оттаму информираат дека жените на возраст од 40 до 44, кои имаат член во семејството со рак на дојка и или друг дополнителен ризик фактор ќе имаат можност самоиницијативно да се пријават за скрининг мамографија на посебна страница за таа намена.

„Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените и месец октомври е посветен токму на борбата против ракот на дојка, неговата превенција и рано детектирање“, велат во министерството додавајќи дека акцијата се спроведува по повод месец Октомври, кој е посветен на ракот на дојка.

За да се дијагностицира на време и рано да се открие ова заболување, од 1 ноември ќе продолжи националната скрининг програма за рано откривање на болеста.

„Ова е посебно значајно за жените кога имаат знаци за промени во дојката или треба да направат контрола. Жената треба да стигне на преглед навремено за да се открие во рана фаза“, информираат во МЗ.

Скрининг мамографијата е бесплатна за жените во програмата, партиципацијата ја покрива Министерството за здравство.

Има промени и во начинот на упатување и закажување преглед за мамографија, ехо и биопсија. Се овозможува радиологот да ја упати жената со цел да се намали времето и патот на жената од преглед до третман.

Во Министерството за здравство информираат дека во завршна фаза е и склучувањето договори за набавка на најсовремени мамографи во соработка со Светска банка за јавните здравствени установи.