Македонија МВР: Македонија од синоќа пропушта само мигранти од кризни жаришта

МВР: Македонија од синоќа пропушта само мигранти од кризни жаришта

Како реакција на добиените известувања од соседните држави, Македонија вчеравечер, во 19 часот, ја активирала мерката за селективен пристап на мигрантите што доаѓаат од Грција, соопшти Министерството за внатреши работи (МВР).

Во согласност со ваквата мерка, транзит до земјите на ЕУ им се овозможува само на бегалците од државите каде има воени конфликти, односно од Сирија, Авганистан и од Ирак, но не и на економските мигранти што доаѓаат од Иран, Пакистан, Мароко, Бангладеш, Либерија, Судан, Алжир, Конго и од други земји.

Од МВР информираат дека и изминатата недела имало зголемен број мигранти од земјите од Блискиот Исток, а вкупно 101.636 мигранти влегле во Македонија во периодот од 1 до 17 ноември.

Во моментот во привремениот прифатен центар на граничниот премин Табановце се наоѓаат 280 лица, додека на јужната граница кај Гевгелија, во прифатниот центар има 500 мигранти кои чекаат да заминат.

Надвор од прифатниот центар, информираат од МВР, има околу 50 лица, најмногу ирански државјани, кои оствариле влез пред почетокот на примената на мерката и сега одбиваат да се вратат во Грција.

На грчка територија за влез во Македонија чекаат околу 2.000 мигранти од различни земји.

Од МВР информираат дека состојбата со мигрантите во прифатните центри на северната и на јужната граница е мирна и стабилна, но напоменуваат дека ситуацијата со мигрантите и со нивниот број на границите постојано се менува.