Македонија МВР: Ги исполнуваме обврските од планот „3-6-9“, законот за заштита на сведоци...

МВР: Ги исполнуваме обврските од планот „3-6-9“, законот за заштита на сведоци е подготвен

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека ги исполнува обврските од реформскиот план „3-6-9“ на Владата и дека дел од нив се целосно реализирани, а останатиот дел ќе бидат исполнети во предвидените рокови.

Оттаму информираат дека МВР е носител на активностите кои се однесуваат на реформите во разузнавачките служби, борбата против организираниот криминал и миграционата политика, а министерството учествува и во работните групи за подготoвка на предлог-законот за зашитита на сведоци и на законот за заштита на приватност, кои се во надлежност на Министерството за правда. Текстот на предлог-законот за заштита на сведоци, велат од МВР, е подготвен.

Во врска со реформите во разузнавачките служби, од МВР велат дека од предвидените шест мерки, три се целосно исполнети, а три се во напредна фаза и ќе бидат завршени во предвидениот рок.

Инаку, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, вчера на прес-конференција соопшти дека од вкупно предвидени 73 мерки, во првиот дел од планот „3-6-9“, досега се реализирани 34 мерки, повеќе од 30 мерки се во тек, а за неколку Владата констатирала дека доцнат.

Тој посочи дека има доцнење во Министерството за внатрешни работи, кое, како што рече, сè уште не почнало со подготовката на новиот предлог-закон за заштита на сведоци и сè уште нема точно поделени ингеренции со Министерството за правда, како и кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата. Доцнење, рече Османи, има и кај институциите кои се надвор од ингеренциите на Владата, односно Собранието, каде сè уште не е почната т.н. инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите.