Економија МТСП: Пензиите за јули ќе бидат зголемени за 1,2 отсто

МТСП: Пензиите за јули ќе бидат зголемени за 1,2 отсто

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) информира дека, пензионерите со јулската пензија ќе добијат зголемување по основ на усогласување на пензијата со порастот на трошоците за живот, кое во првото полугодие од 2021 година (јануари-јуни 2021 година), во однос на второто полугодие од 2020 година (јули-декември) изнесува 1,2 отсто.

„Зголемувањето на пензијата во номинална вредност изнесува 188 денари на ниво на просечна пензија и 125 денари на ниво на најниска пензија. Редовното законско усогласување на пензијата се врши два пати во годината, од 1 јануари и 1 јули секоја година, според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот, што обезбедува одржување на економската вредност и куповната моќ на пензијата“, соопштија од МТСП.

Додаваат дека, од 2019 година, покрај редовното усогласување, се предвидува и дополнително усогласување во случај доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 отсто. Покрај овие два начина на усогласување, од 2020 година врз основа на одлука од Владата, може да се изврши уште едно дополнително усогласување ако има пораст на минималната плата во тековната година за повеќе од 15 отсто и пораст на просечна плата во претходната година за повеќе од 5 отсто.