Македонија Мрежа за заштита од дискриминација: Советот на јавни обвинители да се извини...

Мрежа за заштита од дискриминација: Советот на јавни обвинители да се извини за навредите кон КСЗД

Некои членови на Советот на јавни обвинители кажале дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е „квази орган, во кој нема правници, дека дава само препораки, а нивните мислења се неважни“, откако ѝ беше препорачано да се извини на обвинителката Ленче Ристоска

Фото: Мрежа за заштита од дискриминација

Мрежата за заштита од дискриминација бара од членовите на Советот за јавни обвинители да се извинат за навреди кон Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а во исто време бара да преземе мерки за заштита од родова дискриминација во институцијата.

„На 95-та седница на Советот на јавни обвинители, одржана на 11 јануари, се дискутираше за мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), со кое се утврдува дискриминација во постапката за избор на јавен обвинител во повисоко јавно обвинителство. Во мислењето на КСЗД е дадена и препорака поранешниот претседател на СЈОРСМ јавно да се извини за сторена дискриминација. Мрежата за заштита од дискриминација изразува сериозна загриженост и остро реагира бидејќи на седницата, од страна на членовите на СЈОРСМ биле изнесени крајно деградирачки и навредливи ставови и мислења за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Особено од страна на некои членови кои кажале дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е „квази орган, во кој нема правници, дека давала само препораки, а нивните мислења се неважни“, наведено е во соопштението.

Оттаму потенцираат дека несогласувањата со некое мислење мора да бидат аргументирани, а не изнесувани како навреди кон субјектот кој го изнел мислењето.

„Во мислењето на КСЗД јасно е образложено дека СЈОРСМ сторил дискриминација кон Ленче Ристоска. Претседателот Јолевски, јавно коментираше дека била на породилно отсуство. Бременоста, боледувањето поради компликации поврзани со бременоста, раѓањето и мајчинството не смеат да бидат причина за жена да не напредува во кариерата или да се земаат предвид како фактори кои ќе се дикутираат и оценуваат за време на одлучувањето за вработувањето или унапредувањето. Оваа форма на дискриминација зборува за нееднаквите услови за мажите и жените на пазарот на труд и има клучно влијание на родовата нееднаквост во оваа област. Од јавните обвинители се очекува да имаат елементарни познавања за поимот дискриминација, бидејќи таа е и кривично дело, според што тие треба да штитат од дискриминација“, пишува во реакцијата.

Оттаму сметаат дека јавно извинување не е ефикасно решение за овој случај, со истото не се решава проблемот, туку се овозможува продолжување на дискриминација преку опстојување на одлука за избор на кандидати заснована на дискриминација, без да претпоставуваме што би бил резултатот од постапката доколку возраста, бременоста и мајчинството не биле земени предвид.

„Сметаме дека КСЗД требаше да препорача повторување на постапките и донесување на внатрешни акти за спречување и заштита од дискриминација во СЈОРСМ. Пред Управниот суд не може да водат управни спорови против мислењата на КСЗД бидејќи тие не се управни акти. Коментарите на СЈОРСМ и тужбите ги сметаме за обиди за вмешување и влијание врз работата на КСЗД која има статус на независно тело за еднаквост“, се додава во соопштението.

Иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) препорача поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители, а сега член, Антонио Јолевски да ѝ се извини на обвинителката Ленче Ристоска за дискриминација, тоа не било сторено на последната седница на Советот, иако се дискутирало за таа точка. За случајот извести Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде изразија сериозна загриженост, бидејќи на седницата на Советот на јавни обвинители биле искажани навредувачки зборови за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.