Македонија „Мост“: Навреме се отворени гласачките места, забележано е фотографирање ливчиња

„Мост“: Навреме се отворени гласачките места, забележано е фотографирање ливчиња

Граѓанската асоцијација „Мост“ информира дека навреме се отворени сите гласачки места на кои имаат распоредено свои набљудувачи, освен две места во Куманово и во Велес.

– Гласачкото место 1.036 во општина Куманово е отворено со 15-минутно задоцнување. Гласачкото место 2.210 во општина Велес е отворено со 30-минутно задоцнување поради тоа што немало електрична енергија – се додава во соопштението на „Мост“.

Оттаму информираат дека досега е забележано фотографирање гласачки ливчиња со мобилен телефон.

– На гласачкото место 1.580/1, во општина Радовиш, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче со мобилен телефон. Избирачкиот одбор не забележал и не реагирал. На гласачкото место 2.556 во општина Ѓорче Петров, пак, еден гласач го фотографирал гласачкото ливче. Повикана е полиција – велат од „Мост“.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, отворена е бесплатната телефонска линија 080 080 080, а истото може да го сторат и преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Граѓанската асоцијација „Мост“ ги следи изборите со повеќе од 3.000 набљудувачи.