Главна секција „Мост“: До 17 часот на референдум излегле 34,55 отсто од гласачите

„Мост“: До 17 часот на референдум излегле 34,55 отсто од гласачите

Според податоците добиени од ПВТ-програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 15 часот е 29,61 отсто, до 16 часот е 32,21 отсто, а до 17 часот е 34,55 проценти, соопштија од Граѓанската асоцијација „Мост“.

Од невладината организација наведуваат дека забележани се нови неправилности на гласачките места.
Според податоците на „Мост“, на гласачкото место 2.830 на улица Ѓуро Ѓоновиќ, едно лице се претставило како набљудувач, но со себе не носело беџ, туку само копија од овластување од Општинската изборна комисија. Лицето сè уште е присутно на гласачкото место, иако со себе не ги носи сите документи потребни за набљудување на процесот.

Асоцијацијата соопштува дека граѓаните на гласачките места во ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, кои не можеа да се пронајдат на избирачкиот список, биле упатени во Општинска изборна комисија – Центар, по што еден од нив бил пронајден во избирачкиот список за граѓани со привремен престој во странство, од гласачко место 2.847. Истиот се упатил на соодветното гласачко место и го остварил своето право на глас.