Македонија МОН: Дополнителни термини за тестирање на дел од учениците

МОН: Дополнителни термини за тестирање на дел од учениците

Министерството за образование и наука и Државниот испитен центар информираат дека процесот на екстерното тестирање е целосен и успешен во училиштата во Скопје, Македонски Брод, Богданци, Валандово, Берово, Виница, Делчево, Кавадарци, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Демир Хисар, Маврово – Ростуше, Липково, Штип, Свети Николе, Врапчиште, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Охрид, Кочани, Велес, Струга, Битола, Крушево, Кратово, Центар Жупа, Македонска Каменица и во Крива Паланка.

– Во општините Струмица, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, каде процесот е реализиран делумно, ќе бидат утврдени дополнителни термини за тестирање на дел од учениците. Во единственото средно училиште во општина Дебар, процесот не е реализиран – информираат од МОН.

Оттаму велат дека денеска биле тестирани вкупно 8.193 ученици, во 93 училишта во 35 општини во Република Македонија. Екстерното тестирање ќе трае до 31 јануари, а резултатите ќе бидат објавени на втори февруари.

– Министерството за образование и наука информира дека процесот на екстерната проверка на постигнувањата на знаењата на учениците е задолжителен и се реализира во согласност со одредбите од Законот за основното и Законот за средното образование. Оценките што учениците ги добиваат од процесот на екстерното тестирање се потврда, односно верификација за стекнатото знаење и се евидентираат во нивните свидетелства. Без овие оценки, свидетелствата се невалидни – велат од МОН.

Оттаму апелираат до членовите на СОНК, своите активности да ги реализираат на начин преку кој нема да ги злоупотребуваат учениците и нема да предизвикаат негативни последици во однос на текот и на исходот од нивниот воспитно-образовен процес.