Свет Европа Могерини и Лавров не ги надминаа разликите

Могерини и Лавров не ги надминаа разликите

Шефовите на дипломатиите на ЕУ и на Русија, Федерика Могернини и Сергеј Лавров, не успеаја во Москва да ги надминат несогласувањата, но се обврзаа на поблиска соработка.

Ова за Могерини беше прва официјална посета на Русија откако стапи на функцијата шефица за надворешна политика во 2014 година. Таа наведе дека соработката помеѓу Брисел и Москва „не е замрзната“, туку закочена со длабоки несогласувања, особено во поглед на Сирија и на Украина.

– Би било надреално да се сметаме за стратешки партнери кога заемно си воведовме санкции – наведе Могерини по средбата со Лавров и додаде дека во интересен е и на Русија и на ЕУ да се подобрат односите.

Могерини наведе дека економските санкции „не се сами за себе цел“ и дека се воведени за да се придонесе за решавање на конфликтот на истокот на Украина, во кој за три години животот го загубија околу 10.000 луѓе.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека двете страни повториле дека е неопходно да се примени договорот од Минск за да може да се реши конфликтот во Украина.

Лавров повика на „длабока, брза и транспарентна истрага“ по смртта на еден американски набљудувач на ОБСЕ на истокот од Украина, чие возило наишло на мина.