Македонија МНР побара став од Стејт департментот за изјавата на конгресменот Рорабакер

МНР побара став од Стејт департментот за изјавата на конгресменот Рорабакер

Министерството за надворешни работи на Република Македонија преку македонската амбасада во Вашингтон, по дипломатски пат побарало став од американскиот Стејт департмент за изјавите на американскиот конгресмен Дана Рорабакер, изнесени во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

„Конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи. Неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот. Тие разгоруваат националистичка реторика во соседството, со што нè враќаат во минатото. Веруваме дека Стејт департментот соодветно ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и кон Балканот“, се вели во соопштението на МНР.

Американскиот конгресмен Дана Рорабакер во интервјуто за „Визион плус“ рече дека Македонија не е држава и дека треба да се подели. Рорабакер истакнал дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега, според него, сите околности се создадени за нејзините делови да им се дадат на соседните држави, вклучувајќи ги и Косово и Бугарија.