Македонија МНР: Дел од групата на Ковачев што сакаше да влезе во земјава...

МНР: Дел од групата на Ковачев што сакаше да влезе во земјава е ризик по јавниот мир и безбедност

Властите додаваат дека на 6 мај на граничниот премин Ново Село не им бил дозволен влез на група од петмина бугарски државјани поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија

Фото: Веб-страница на Влада на РСМ

По жестоките реакции од Бугарија и изјавата на еврокомесарот Оливер Вархеји, македонското Министерство за надворешни работи (МНР), денеска излезе со официјална реакција дека дел од петчлената група што викендов од Бугарија сакала да влезе во земјава претставувало ризик по јавниот мир и безбедност.

„Би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал“, стои во соопштението на македонското МНР.

Властите додаваат дека на 6 мај на граничниот премин Ново Село не им бил дозволен влез на група од петмина бугарски државјани поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија.

„Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, соопштија од МНР.

Инаку, заедно со европратеникот Ковачев, на граничниот премин „Ново Село“ во саботата влез во земјава не им бил дозволен и на претседателот на бугарската фондација „Бугарска историја“ Милен Врабевски и на уште тројца други бугарски државјани.

Бугарското МНР уште во саботата објави соопштение, во кое вели дека е разочарано од одлуката на македонските власти да го засенат одбележувањето на Ѓурѓовден.

Ваквиот потег за забрана за влез на петмината во земјава наиде на осуда од еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Оливер Вархеји, како и од лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер.