Македонија Младинските состојби укажуваат на потребата од Политичко образование

Младинските состојби укажуваат на потребата од Политичко образование

„Воведувањето на предметот Политичко образование во сите средношколски установи, како и инвестирање во квалификуван наставен кадар се најважните фактори кои ја зголемуваат ефективноста на политичкото образование врз политичката култура, демократската свест и политичката партиципативност кај младите“, рече профсор д-р Иван Дамјановски

Фото: Вестминстер Фондација за Демократија

Кај младите во земјава постои сериозен авторитарен полнеж, особено кога се работи за вредности кои тангираат етнички/национални теми или демократско управување со државата. Ова е дополнителен индикатор кој укажува на потребата од политичко образование, се наведува во истражувањата на Фондацијата за демократија на Вестминстер, според кои дури 57% од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани.

Анализата за политичко образование во Северна Македонија, која денес беше презентирана на експертската дебата во рамки на соработката со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО), покажува и дека во образовните програми за основно и средно образование во нашиот образовен систем, темите од областа на политичкото образование се дисперзирани во повеќе предмети како: граѓанско образование, социологија и вовед во право.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири кој присуствуваше на настанот најави образовни реформи со цел младите правилно да се насочат.

„Во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила кај нас. Се воведуваат повеќе изборни предмети согласно интересите и афинитетите на учениците. Целата реформа е проектирана за да ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултурализмот, ги учи да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да ги почитуваат различностите. Согласни сме со Бирото за развој на образование дека е потребно унапредување на политичкото образование и негово воведување во погорните одделенија и средните училишта што очекуваме да биде воведено во учебната 2024/2025“, рече Шаќири.

Според Зекирија Хасипи, директор на Бирото за развој на образование отпочнатите реформи во образованието нема да бидат целосни без политичкото образование и рече дека Бирото се заложува за воведување на политичкото образование во образовниот систем.

„Политичкото образование е важно од повеќе причини бидејќи ја развива граѓанската свест и ги поттикнува младите да бидат активни граѓани, да формираат политичко мислење, да анализираат политички идеи и идеологии, да учествуваат во јавниот живот, да ги анализираат политичките процеси и одлуки и да формираат лични ставови. БРО се залага што повеќе содржини од политичко образование да се интегрираат во предметите од редовната настава“, рече Хасипи.

Професор д-р Ненад Марковиќ истакна дека недостаток од соодветна политичка социјализација кај младите, како и општиот недостаток на демократски капацитет на македонското општество негативно влијаат врз ставовите и вредностите на сите возрасни групи, вклучително и младите.

„Воведувањето на предметот Политичко образование во сите средношколски установи, како и инвестирање во квалификуван наставен кадар се најважните фактори кои ја зголемуваат ефективноста на политичкото образование врз политичката култура, демократската свест и политичката партиципативност кај младите“, рече профсор д-р Иван Дамјановски.

Директорката на ВФД во Северна Македонија, Дона Костуранова, заклучи дека инвестирањето во политичкото образование на младата генерација е неопходно за да се обезбедат услови за демократски развој, граѓанско учество и грижа за политичките и за граѓанските слободи и права денес и во иднината.

„Потребно е воведување на содржини од областа на политичкото образование во средните училишта, за средношколците да бидат информирани и ангажирани граѓани“, рече Костуранова.

Препораките во анализата се фокусирани на следење на образовните состојби и развојот на вештини кај учениците со цел надградување на образовните содржини и давање на поддршка на останати пристапи кои директно влијаат на политичката писменост како ученичко и младинско организирање и медиумска писменост.

Анализата е изработена на почетокот на 2023 година, како активност на ВФД и Претседателскиот Центар за политичко образование, во рамки на проектот „Практикувај Демократија“ финансиран од Британската Амбасада. Автори на анализата се проф. д-р Иван Дамјановски, проф. д-р Ненад Марковиќ и проф. д-р Александар Спасов.