Македонија МИОА: Започнува подготовката на акцискиот план за Партнерство за отворена власт 2024-2026

МИОА: Започнува подготовката на акцискиот план за Партнерство за отворена власт 2024-2026

Ваквиот систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот акциски план за Партнерство за отворена власт, велат во МИОА

Фото/Архива на Мета

Започнува процесот на подготовка на шестиот национален Акциски план за Партнерство за отворена власт 2024-2026 (НАП 6), информира Министерството за информатичко општество и администрација.

„Со цел навремено вклучување и предвидливост на процесот на ко-креација, Советот за Партнерство за отворена власт на петтата седница одржана на 17 мај, усвои временска рамка на активности за подготовка на НАП 6 2024-2026. Овде се дадени првично утврдени датуми и истата може да се надополнува со настани и состаноци во организација на сите чинители во Партнерството за отворена власт“, наведено е во соопштението на МИОА.

Во рамките на активностите за подготовка на Акцискиот план, појаснуваат во МИОА, предвиден е начинот на вклучувањето на засегнатите страни, едукација, работни сесии за ко-креирање на заложби, консултации и утврдување на планот.

„Ваквиот систематизиран начин на планирање и спроведување на процесот на консултација ќе осигура навремен, непречен, инклузивен и транспарентен процес на ко-реирање на новиот акциски план за Партнерство за отворена власт“, додаваат од министерството.

Партнерството за отворена власт е доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување. С. македонија е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени пет национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016, 2018 и 2021 година).