Македонија Министерството за здравство не кажува кој ќе ја прави физибилити студијата за...

Министерството за здравство не кажува кој ќе ја прави физибилити студијата за Брзата помош

Фото: Portalb.mk

Министерството за здравство веќе две недели одбива да каже, кои компании ќе ја изработат физибилити анализата за изборот на моделот на функционирање на Итната медицинска помош, иако тоа беше ветено од министерот за здравство, Венко Филипче, пишува „Порталб“.

На прашањето на Порталб.мк за тоа „Кои компании ќе ја спроведат физибилити анализата за Итната помош“, министерот Филипче објави дека „има три компании, но дека имињата ќе ги објави неговиот кабинет.”

Од неговиот кабинет веќе две недели не одговараат, со образложение дека не ги знаат имињата, и дека не се запознаени за ветувањето на министерот.

„Знаеме дека министерот вети дека ќе ви ги даде имињата на компаниите, но ние не знаеме“, ни рекоа од кабинетот на министерот.

По отворањето на повикот за физибилити анализа, во јавноста имаше бројни реакции, во кои се оценува дека еден таков потег ќе ја уништи здравствената заштита во Македонија.

Додека се прават обиди за приватизација на Итната медицинска помош, Министерството има набавено 12 амбулантни возила. Проблемот со Итната медицинска помош е загрижувачки, бидејќи не се раководи од една институција која има апсолутна одговорност кон неа.

Таа функционира во рамките на Здравствените домови, а овие пак не се транспарентни да разговараат и да ги обелоденат податоците, начинот на користењето како и за самите медицински услуги.

Медицинската помош во Македонија функционира со стари и амортизирани возила, а истовремено нивниот број не соодветствува со бројот на жители во одредени градови. Имало случаи во таквите возила, луѓето да ги изгубат своите животи.

За да се избегнат ваквите ситуации, Министерството за здравство вети замена на амбулантни возила врз основа на помината километража, со што не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замена на возила врз основа на километражата во градовите надвор од Скопје, додека во Скопје, тоа треба да се прави врз основа на употребливоста.