Македонија Министерство за култура: Забраната на ЗАМП за емитување музика е противзаконска

Министерство за култура: Забраната на ЗАМП за емитување музика е противзаконска

Министерство за култура смета дека одлуката на Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за забрана на емитување македонска музика по медиумите е противзаконска и донесе решение за нејзино запирање.

– Министерството за култура донесе решение за запирање на извршувањето на одлуката на собранието на ЗАМП, со која се забранува емитување на авторски музички дела по пат на радиодифузно емитување. Од надзорот на Министерството за култура над одлуката на собранието на ЗАМП се констатираше дека одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права – се вели во соопштението на Министерство за култура.

Решението на Министерството со кое се запира извршувањето на одлуката на ЗАМП стапува на сила на денот на донесувањето.

– Во оваа пригода уште еднаш потсетуваме дека авторите на музички дела имаат право преку соодветната организација за колективно управување или индивидуално да забранат користење на нивните дела, но на начин и под услови кои се во согласност со Законот за авторското право и сродните права – се додава во соопштението.